Андоновски даде отчет за сработеното: Ги забрзуваме процесите на дигиталната трансформација

 

Со особена чест и чувство на одговорност, денес ја одбележуваме првата година од формирањето на Министерството за дигитална трансформација – ново, но суштинско поглавје во политичкиот систем на Македонија - посочи меѓу другото Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на прес конференција по повод првата годишнина од формирањето на Министерството.

,,Што постигнавме за една година?Прво, услугите дојдоа до граѓаните, не обратно. 120 нови услуги, бројка што постојано расте. И затоа повеќе од 170 илјади граѓани го препознаа тоа“, рече министерот, кој потсети дека граѓаните сега онлајн можат да ги добијат услугите на порталот uslugi.gov.mk, како и дека, со измените на законот за електронски документи, за првпат, правно валидни документи можат да се добијат без физичко присуство, со електронски потпис, QR код, во електронска форма или испечатени.

Исто така, не се заборавени граѓаните кои што немаат пристап до дигитални алатки или немаат вештини, така што во текот на летото, покрај новите три Центри за услуги, ќе се отворат уште најмалку нови три.

,,Ја поврзавме државата. Преку платформата за интероперабилност, денес над 70 институции разменуваат податоци во реално време. Наместо граѓанинот да носи хартија од еден до друг шалтер – институциите започнаа да комуницираат електронски. Исто така, ја зајакнавме заштитата на државните системи. Прво ја донесовме Националната Стратегија за сајбер безбедност после три години вакум. Истата има и буџет, акционен план со одговорности и обврски за сите засегнати“, рече Андоновски.

Министерот го истакна и донесувањето на 4-те реформски закони, усогласени со регулативата на ЕУ, како што се Законот за електронски комуникации и првиот Закон за сајбер безбедност, Законот за архивска дејност и Законот за електронски документи. Формиран е и Сектор за сајбер безбедност во чии рамки треба да биде и Владин центар за одговор на инциденти (SOC).

Во однос на грижата за дигиталната безбедност на децата и младите, Андоновски рече дека Министерството активно работи на воспоставување на националниот Центар за побезбеден интернет MKSafeNet, кој ќе биде прв интегриран национален систем од ваков тип кој ја става безбедноста на најмладите во дигиталниот свет како приоритет од највисок ранг.

Се осврна и на забраната на преку 220 сајтови за нелегално онлајн коцкање – што е конкретен резултат на дигитална анализа и следење на IP-адреси и VPN-механизми.

На крајот министерот ја посочи и програмата Дигитална Европа – и најзначајниот проект во неа: INNOFEIT – Европскиот дигитален иновациски хаб, кој е резултат на стратешка соработка меѓу Владата, академската заедница (ФЕИТ) и приватниот сектор, нагласувајќи дека со инвестиции над 60 милиони денари, INNOFEIT е доказ дека Македонија има капацитет не само да следи, туку и да води регионални процеси во дигитализацијата и иновациите.

,,Во изминатите 12 месеци покажавме дека со јасна стратегија, соработка меѓу институциите и поддршка од партнерите – може да се постигнат резултати кои директно ја подобруваат јавната услуга и ја зголемуваат довербата во државниот систем“, рече Андоновски.

03.07.2025 - 11:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега