Димитриеска-Кочоска: Буџетот е стабилен

 

Буџетот е стабилен, домашниот пазар ја покрива ликвидноста, а државата одговорно ги управува средствата на граѓаните, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во емисијата „Вин-Вин„ на телевизија Телма коментирајќи на прашањата за повратот на ДДВ, ликвидноста, долгот и јавните финансии.

„Работата на министерот за финансии секогаш е деликатен баланс. Од една страна имаме буџетски обврски и постоечки долг кој треба да се сервисира, а од друга – потребата да ги поддржиме граѓаните и компаниите. Но токму затоа ја водиме фискалната политика одговорно, со јасни приоритети и без импровизации“, кажа министерката.

Министерката кажа дека многу внимателно се настапува со задолжувањето на меѓународните пазари и дека во најголем дел од финансирањето на буџетот е обезбеден преку домашниот пазар, а не преку нова еврообврзница.

„Во јануари успешно ја сервисиравме Еврообврзницата од 500 милиони евра – средствата беа обезбедени преку надворешно финансирање. Но, остатокот од годината, согласно планот, го затвораме преку домашен пазар. Затоа што во услови на високи каматни стапки на глобалните пазари, домашното финансирање е поевтино, пофлексибилно и побезбедно. Исто така, преку таков пристап го зајакнуваме домашниот финансиски пазар и ја градиме довербата кон државните хартии од вредност“ кажа Димитриеска -Кочоска и потенцираше дека е важно е да се разбере – дека тоа не сигнал дека државата нема пристап до меѓународните пазари.

„Напротив. Но, преферираме да настапиме на тие пазари во подобар тајминг, со посилна позиција и подобри услови – кога инвеститорите ќе можат да ја препознаат стабилноста и одржливоста на економските политики на новата влада“ кажа министерката.

Во врска со коментарите за наводно доцнење на повратот на ДДВ, министерката нагласи дека во системот постои прецизна евиденција и дека не постои системски проблем.

„Компаниите кои имаат право на поврат и уредно ги доставиле документите, не чекаат. Немаме такви случаи во кои сериозни компании со налог од УЈП чекале 6 или 9 месеци. Ако има поединечен случај – ќе го провериме. Но мора да правиме разлика меѓу реална забелешка и произволна генерализација“, рече таа.

На прашањата околу преносот на дел од добивката на Народната банка во буџетот, министерката истакна дека тоа не е мешање во независноста, туку одговорно користење на јавните средства.

„Парите – дали се во буџетот, во Народната банка или во некое јавно претпријатие – се пари на граѓаните. Ние само управуваме со нив. И ако Народната банка има акумулирана добивка и резерви, не гледам причина тие да не бидат ставени во функција на јавниот интерес. Тоа е фискална одговорност, не ризик.“ потенцираше Димитриеска-Кочоска.

27.06.2025 - 10:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега