Димитриеска-Кочоска во работна посета на Турција

 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска престојува во тридневна работна посета на Република Турција, каде ќе оствари средби со претставници на турската Влада и ќе учествува на 28. Евроазиски економски самит.

Како што информираат од Министерството за финансии, за време на посетата министерката Димитриеска-Кочоска ќе оствари средби во Министерството за финансии на Турција и Министерството за трговија на Турција, односно со министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек и министерот за трговија Омер Болат.

Димитриеска-Кочоска, исто така, ќе учествува на 28-от Евроазиски економски самит, каде ќе има воведно обраќање. Самитот којшто е посветен на тема „Похуман свет“, велат од Министерството за финансии, претставува место на кое се присутни евроазиски лидери кои годинава ќе зборуваат на актулени теми поврзани со екологија, економија, енергија, вештачка интелегенција, меѓународна соработка во здравствениот сектор и слично. Самитот традиционално го организира Фондацијата Мармара.

Во составот на делегацијата што ја предводи министерката се и државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска, Катерина Антовска, шеф на кабинет и посебен советник во МФ, како и директорите на Управата за јавни приходи Елена Петрова, на Царинската управа Бобан Николовски и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски. 

05.05.2025 - 10:31

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега