Димовска во Љубљана: Парламентарните служби на Македонија и Словенија ја зајакнуваат соработката
Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар, Никола Ѓошевски, на 27 и 28 мај 2025 година се во посета на Парламентот на Република Словенија во Љубљана.
За време на посетата, генералната Димовска оствари работна средба со генералната секретарка на Државниот збор на Република Словенија, Уршула Зоре Тавчар.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од досегашната плодна соработка меѓу парламентарните служби на двете земји, како и поддршката што Словенија континуирано ја дава во однос на европската интеграција на нашата држава.
Разговорот беше фокусиран на размена на искуства во врска со функционирањето на законодавно-правните сектори, улогата на Парламентот во процесот на усогласување на националното со европското законодавство, дигитализацијата и примената на вештачката интелигенција во парламентарното работење.
Генералната Тавчар ги пренесе искуствата на Словенечкиот парламент во однос на употребата на вештачката интелегенција преку посебен софтвер за машинско изготвување на стенографски белешки и можностите за дополнително развивање на дигиталните процеси во секојдневното работење.
Посебно внимание беше посветено на можностите за унапредување на билатералната институционална соработка, вклучително и воспоставување на поблиски односи помеѓу секторите за поддршка на работата на генералните секретари на двата парламента. Беа разгледани иницијативи за идна соработка со кои би можело да се утврди динамиката на заедничките средби во иднина, со цел имплементирање на добрите практики кои се покажале како корисни за унапредување на работата на парламентите.
Генералната Димовска изрази благодарност за организирањето на ваквата посета и поддршката што Парламентот на Република Словенија досега ја дава на Македонското собрание, како и за подготвеноста за натамошно меѓусебно споделување на експертиза, особено во делот на дигитализацијата, јавната комуникација и транспарентноста на парламентарните процеси.
Соговорничките се согласија дека ваквата соработка меѓу парламентите претставува значаен сегмент, особено затоа што парламентарните служби се најзаслужни за беспрекорно функционирање на парламентите, и дека постои простор за нејзино продлабочување и интензивирање во периодот што следи.
Оваа посета е организирана во рамки на Програмата за парламентарна поддршка, со поддршка од страна на Националниот демократски институт.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа