ФФМ: Сцените од дуелот меѓу Кожуф и Башкими се срамни и неприфатливи
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со длабоко разочарување и огорченост го следеше натпреварот помеѓу ФК Кожуф и ФК Башкими од Втора МФЛ.
Скандалозна завршница ја одбележа фудбалската средба од Втората македонска фудбалска лига помеѓу Кожуф и Башкими. Гостинскиот тим победи со 1-2, благодарение на гол постигнат во 94. минута, но вниманието не го привлече резултатот – туку начинот на кој тој беше постигнат. Најмногу сомнежи предизвика ситуацијата при последниот гол, кога целата одбрана на Кожуф – вклучително и голманот – буквално стоеја неподвижни пред својот шеснаесетник, без обид за реакција. Фудбалерите на Башкими, лесно го реализираа голот за победа.
„Сцените што сите ги видовме на теренот и однесувањето на поединци претставуваат директна навреда за фудбалот, за фер-плејот и за сите што со чесна намера учествуваат во спортот. Она што го видовме е срамно и неприфатливо. Ова раководство на ФФМ нема да дозволи ваквите појави да станат норма, ниту да поминат без последици“, соопштија од ФФМ.
Очекуваат целосни извештаи од официјалните лица на натпреварот, по што ќе бидат преземени сите мерки во рамките на нашата надлежност.
„Нема да има заштитени – секој што со своето однесување го нарушил интегритетот на натпреварувањето ќе биде соочен со одговорност. Нашата цел е јасна: фудбал без дамка, натпревари во кои резултатите се одлучуваат на теренот, а не зад кулисите. ФФМ останува цврсто определена да стави крај на нечесните практики и да го врати достоинството на македонскиот фудбал. Време е конечно да расчистиме со ѓубрето што со години го труе македонскиот фудбал“, истакнаа оттаму.
Во соработка со МВР и надлежните институции ФФМ ќе преземе сè што е потребно ваквите случаи да добијат соодветен епилог, велат уште од Федерацијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа