Формиран Кризен штаб за заштита од пожари во Македонска Каменица
Во насока на заштита на шумите и животната средина, денеска во Полициската станица во Македонска Каменица се одржа координативен состанок со претставници од надлежните институции. На состанокот беше формиран Кризен штаб кој ќе врши 24-часовен надзор на ризичните терени за пожари.
-Ќе се применуваат современи средства како видеонадзор, дрон-технологија и засилена комуникација помеѓу институциите со цел навремено спречување и гасење на пожари. Согласно одлуката на ЈП „Национални шуми“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на сила е 24-часовна забрана за движење во шумските подрачја од 1 јули до 31 август 2025 година. Забраната не важи за службени и овластени лица, информираше градоначалникот на Општината, Димчо Атанасовски.
Апелираше до сите граѓани на највисоко ниво на одговорност, совесно однесување и грижа кон природата.
-Само заедно, со внимателност и соработка, можеме да спречиме несакани последици и да ја зачуваме нашата околина безбедна, додаде Атанасовски.
За спроведување на забраната задолжени се ЈП „Национални шуми“, Шумската полиција, МВР и Државниот инспекторат за шумарство и ловство. Непочитувањето на забраната ќе биде казнето со парична казна од 1.500 до 2.000 евра, согласно член 106 од Законот за шумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа