Ѓорѓиевски: Програмата за Скопје ќе произлезе од потребите на граѓаните
Орце Ѓорѓиевски, актуелен градоначалник на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на град Скопје за претстојните локални избори, беше гостин во емисијата ,,За или против“ на Алфа телевизија. Тој се осврна на состојбата со пожарите во земјава, и притоа истакна дека има доверба во институциите по однос на оваа ситуација.
,,Многу одговорно на територија на Скопје Противпожарната бригада ја врши и совесно својата работа. Одговараат навремено на ваква појава, и благодарение на нив спречени се многу непријатни ситуации изминатиов период. Треба модернизација и на опремата која што ја поседуваат пожарникарите. Треба законски регулативи да се донесат и да се променат. Верувам во институциите моментов, и верувам дека правдата ќе излезе на виделина“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, програмата за Град Скопје треба да произлегува од потребите и проблемите на граѓаните со цел да се задоволат елементарните услови за функционирање на граѓаните. Тој се осврна и на неговите теренски посети низ општините во градот Скопје, и истакна дека според него, правилен начин да се изработи програмата е предлозите да доаѓаат од страна на граѓаните.
,,Започнавме една фаза каде што имам средби со граѓаните и прибираме идеи за креирањето на програмата, заедно со граѓаните. Според мене е единствен правилен начин да креирате програма, е кога ќе ги слушнете, изворно од нив ќе потекнуваат идеите и предлозите“, рече Ѓорѓиевски.
Тој се осврна на состојбите во јавните градски претпријатие како ЈСП, како и ЈП за комунална хигиена, и дека она што треба да се промени, е процесите да се планираат долгорочно.
,,Во топ 5 приоритети на граѓаните е токму ЈСП Скопје и нефункционалноста на истото. Она што треба ние да го промениме , е да има состојба на долг рок да се планираат сите процеси во градот. Да не се доведува претпријатие во колапс. Истото важи и за комунална хигиена“, истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека програмата за Град Скопје ќе биде изработена прецизно и темелно со рокови.
,,Ќе има развојна стратегија, според која што ќе има постојано обновување на возниот парк. Многу е важно да имаме сериозен пристап на долг рок. Сега сме во фаза на изготвување на програмата, која што ќе биде темелно изработена, ќе биде прецизно со рокови и ќе ги содржи решенијата за најгорливите проблеми. Особен фокус ќе има тоа што значи задоволување на елементарните услови за функционирање на нашите сограѓани“, заклучи Ѓорѓиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа