Ѓорѓиевски прошета во Старата скопска чаршија: Си помуабети со еснафите
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска беше во посета на Старата скопска чаршија.
-Заедно со еснафот, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски и вредните занаетчии кои со генерации го чуваат духот на оваа културна ризница, разговаравме искрено за нивните предизвици. Од нив слушнав дека со години реагирале писмено до градската администрација, но нивниот глас ретко кога бил слушнат. Проблемите се многу – раскопаната калдрма, оставена од Водовод по санација на дефекти, не е убава слика пред очите на посетителите. А токму таа калдрма е законски заштитено културно наследство, симбол на автентичноста на чаршијата. Бараат реконструкција и обновување на делови од чаршијата со почит кон традицијата, вградување подземни контејнери за почист и поуреден јавен простор и конечно, сериозен однос од градската власт кон ова национално богатство, вели Ѓорѓиевски.
Истакнува дека нивните барања се праведни и оправдани и за него ќе бидат приоритет, бидејќи додава Чаршијата заслужува грижа.
-Скопје заслужува и ќе биде повторно достоинствен град – метропола со иднина, привлечна за посетителите, но и топол дом за граѓаните. Град кој зрачи со култура, ред и автентичност. Заедно ќе го направиме тоа возможно, заклучува Ѓорѓиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа