Македонија магнет за норвешки капитал: Најавени нови инвестиции
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска пречека делегација од Кралството Норвешка, предводена од Кристин Мелсом, амбасадор на Норвешка за Северна Македонија и Србија, како и претставници на владини институции и норвешки компании.
Како што информираат од Министерството за економија и труд, во делегацијата биле и Анита Крокан, висок советник во Министерството за надворешни работи на Норвешка; Гудлеик Ња, генерален директор на „Lærdal Medical”; Петер Ремој, извршен директор на „Remøy Invest”; Ларс Микелсен, Хуго Халворсен и Руне Маеле, инвеститори и акционери во компанијата „Avanto”. Присуствувале и претставници на „Normak Investment Group” од Норвешка и Тетово - Бесим Зеќири, Аки Етеми, Аријан Етеми и Александар Жарков.
На средбата е разговарано за можностите за проширување на норвешките инвестиции во Северна Македонија, со посебен акцент на Технолошко-индустриската развојна зона Тетово (ТИРЗ Тетово), која е препознаена од норвешката Влада како еден од најзначајните инвестициски проекти во регионот.
Министерот Дурмиши истакнал дека иако политичките и билатералните односи меѓу двете земји се одлични, економската соработка сè уште не го следи истиот интензитет. Според официјалните податоци, вкупната трговска размена двете држави изнесува околу 8 милиони евра годишно – бројка која е релативно ниска во однос на реалниот потенцијал за соработка.
Министерот потсетил дека во 2021 година е потпишан Договор за јавно-приватно партнерство со компанијата „Normak Investment Group AD Тетово”. Покрај постоечките инвестиции, како онаа на компанијата LEAR, најавени се и две нови инвестиции, меѓу кои и инвестиција од компанијата „Norsksolar”, која веќе има донесено инвестициска одлука.
Дурмиши посочил дека Северна Македонија во моментов привлекува повеќе норвешки инвестиции отколку која било друга земја од Западен Балкан – успех кој, како што се наведува во соопштението на Министерството, ја потврдува довербата и конкурентните предности што ги нуди државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа