Макрон проговори за ударот од сопругата: Откри што ѝ претходело на сцената

 

Францускиот претседател Емануел Макрон ги отфрли шпекулациите за виралното видео на кое првата дама на Франција Брижит Макрон го турка во лицето додека се наоѓале во претседателскиот авион по пристигнувањето во Виетнам.

„Се шегувавме, ништо повеќе, ништо помалку. И ова се претвори во некаков вид геополитичка катастрофа“, рече Макрон, негирајќи ги тврдењата за брачни несогласувања.

Видеото, снимено од бројни меѓународни новински агенции, го прикажува моментот кога вратата на претседателскиот авион се отвора во недела навечер, а раката на првата дама се гледа како го турка лицето на претседателот, пренесуваат светските медиуми.

Додека се симнуваа по скалите за да ги поздрават виетнамските претставници, Макрон ѝ ја подаде раката на сопругата, која се чинеше дека го игнорираше гестот.

Макрон ја критикуваше бурата на интернет што се појави околу ова видео.

„Гледам многу луди луѓе кои трошат многу време анализирајќи ги овие видеа“, рече тој, посочувајќи на она што го опишаа како претерани или лажни наративи на социјалните медиуми.

Тој наведе уште два неодамнешни примери во кои неговите снимки биле погрешно протолкувани.

„Во последните три недели, луѓето го гледаа видеото и мислеа дека делам кеса кокаин, дека сум влегол во физичка конфронтација со турскиот претседател, а сега се расправам со сопругата. Ништо од тоа не е вистина“, рече Макрон.

Тој, исто така, посочи дека надворешни актери ги засилуваат овие гласини.

„За ширењето на такви работи, Русите се добри сојузници, а екстремистите во Франција се исклучителни посредници“, изјави тој.

Макрон пристигна во Ханој во недела навечер за да ја започне седумдневната турнеја низ Југоисточна Азија, со цел продлабочување на економските и дипломатските врски, вклучувајќи средби во Индонезија и Сингапур.

26.05.2025 - 17:45

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега