Марковски: Скопје се гуши во агонија, моли за шанса

 

Деканот на Градежниот факултет Горан Марковски кој како кандидат на Независни заедно ќе истрча во трката за градоначалник на Град Скопје денеска се претстави пред јавноста.

-Скопје е во агонија! Се гуши. Тоне. Се суши. На Скопје му е итно потребна помош! Безусловна помош, рече тој.

Вели дека Скопје моли за шанса од оние кои искрено го сакаат.

-На нашето, запуштено, загадено, валкано, дехидрирано, депресивно Скопје, повеќе од кога и да е, му треба јасна визија ослободена од секаква лукративна корупција, му треба инфузија на култура наместо неартикулирано УРА, издржан реализам наместо гол популизам, стандардизација наместо импровизација, докажана компетенција наместо приправничка амбиција. Скопје моли за шанса. Од оние кои искрено го сакаат. Кои со него денес тагуваат. Од оние кои знаат и умеат. Кои сакаат да му се оддолжат. И  нему и на државата. За дадените можности. За остварените животни сништа. Tешко е и веќе невозможно, да се игнорира ваквиот очајнички крик на мојот роден град со изгубен идентитет. Од таму и оваа моја кандидатура за негов градоначалник. Притоа потполно свесен за општествено полтичкото опкружување во кое, сеуште неприкосновено доминираат политичките партии, но истовремено и непоколебливо убеден дека без граѓански активизам и независни личности, не може да има ниту вистинска демократија, ниту здраво општество, ниту силни институции. Можен е само деструктивен регрес удолу. Лет во место. Поточно во неместо, рече Марковски.

Според него, тажно е во првата половина од 21 век главен град на европска држава наместо за високо ниво на дигитализација, вештачка интелигенција, зелени агенди, современи видови на сообраќај, реклициклирање, отпад, да зборуваме за теми поврзани со голиот опстанок.

-Но тоа не смее да не депримира, ниту пак поколеба. Напротив. Треба да не мотивира да посееме надеж и верба. Особено помеѓу младите. Затоа што тие се општествената светлина, единствениот преостанат составен елемент на светот што не опкружува. Останатите три - земјата, водата и воздухот, денешно Скопје, за жал, веќе ги нема. Битката со идеи и концепти за спас, но и за развој на нашиот главен град ја започнувам од Камениот мост. Симболот на Скопје. Не само затоа што мостовите се во фокусот на моето професионално делување, туку затоа што тие се и симбол на победа на поврзувањето над раздвојувањето. На заедништвото над отуѓеноста. На премостувањето пречки. На истрајноста. Вековноста. На вредностите кои толку многу ни се потребни. Вредности во кои цврсто верувам, за кои постојано се залагам и кои без-алтернативно ги практикувам. Вредности без кои е невозможно да се управува со еден сложен систем како што е градот Скопје. Секако дека животното искуство не ми дозволува да бидам наивен. Сосема ми е јасно дека ваквите битки е невозможно да се добијат без широка поддршка на истомисленици. Затоа им благодарам на НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО на тоа што први ја препознаа мојата искреност, посветеност и стремеж за подобро Скопје. За подобра Македонија. Што препознаа личност која зад себе има оставено огромен опус на конкретни и видливи реализирани проекти и дела. Која има образовано 40-тина генерации инженери, која била и е секогаш подготвена своите капацитети да ги стави на располагање за јавното добро. Личност која никогаш не калкулирала со искажување на својот независен стручен став. Која работи и твори со љубов и за љубов. Која и покрај сета суровост на реалноста, цврсто верува во ефектот на пеперутка - дека во нашиот неверојатно сложен и меѓусебно испреплетен свет, еден мал личен исчекор може да има влијание врз однесувањето на многу поголем и далеку покомплексен свет. Токму затоа, убеден сум, дека нашево новоформирано множество од ден на ден прогресивно ќе расте, надополнувајќи се со нови формални и неформални групи и поединци, рече Марковски.

27.08.2025 - 10:40

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега