Мицкоски: Фондацијата Конрад Аденауер е амбасадор на демократската идеја
Фондацијата Конрад Аденауер е амбасадор на демократската идеја. Таа е сведоштво дека вредностите можат да патуваат преку граници, преку генерации и тешкотии и да вкоренат стабилност, дијалог и надеж, рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски.
Во обраќањето на свечениот прием по повод 25 години од работата на Фондацијата Конрад Аденауер во земјава, Мицкоски потсети на зборовите на германскиот канцелар Конрад Аденауер, според кој историјата не се менува со зборови, туку со дела, а делата почнуваат со визија и храброст.
-Мирот е не само отсуство на војна, туку и присуство на правда, стабилност и човечко достоинство. Оваа мисла денес е поактуелна повеќе од кога било во свет во кој демокатијата е под притисок, во кој се раѓаат нови ѕидови, а стари вредности се доведуваат во прашање. Потребни се институции кои ќе останат цврсти, потребни се сојузи што не се темелат на интерес, туку на идеали, Фондацијата Конрад Аденауер е токму таков сојузник, истакна Мицкоски.
Според него, уште од времето кога нашето општество се соочуваше со транзиција, економска и политичка неизвесност, Фондацијата беше происутна со обуки, јавни дебати, поддршка на граѓански организации и едукација на млади луѓе, постапуваше со почит, разбирање и волја да се гради и слуша.
-Токму во тие тешки времиња се гради вистинското пријателство. Нашиот пат кон демократијата не беше праволиниски, имавме грешки и разочарувања, но секогаш имавме и партнери што веруваат во нашиот капацитет за напредок. Фондацијата Конрад Аденауер веруваше во нас дури и кога некои други се двоумеа. Веруваше дека можеме да станеме дел од европското семејство, дека младите овде заслужуваат иднина и затоа денес кога зборуваме за евроинтеграции, за владеење на правото, за борба против корупцијата и слобода на медиумите знаеме дека зад тие процеси не стојат само политички декларации, стојат години на вложување, соработка и визија, истакна Мицкоски.
Пред премиерот Мицкоски на приемот се обрати раководителот на Фондацијата Конрад Аденауер, Даниел Браун, кој рече дека Фондацијата изминатите години работеше на поддршка на европската интеграција и демократското општество во Северна Македонија.
-Верувам дека во Северна Македонија успеавме да изградиме заемно почитување, искрени и коонструктивни односи со сите, вклучувајќи ги и оние што имаат различни гледишта од нашите. Иако не сме дипломати, ние сме амбасадори на земјата и и даваме видливост, истакна Браун.
На приемот што се одржува во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, присутни се претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, високи владини функционери и претставници од дипломатскиот кор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа