Мицкоски: Верувам во европскиот сон, но тој мора да биде достапен за сите

 

 

Поголема правичност, доследност и лидерство од Европската Унија побара денеска премиерот Христијан Мицкоски заедничката прес-конференција со високата претставничка на ЕУ за надворешните работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Рече дека патот кон ЕУ бил тежок, исполнет со бројни компромиси и долги години на чекање. Тој посочи дека македонските граѓани со децении градат демократско општество и вложуваат во европските вредности, очекувајќи фер третман и конкретни резултати.

„Ние припаѓаме на ЕУ. Не затоа што некој ни го должи тоа, туку затоа што со генерации вложуваме и се менуваме. Го живееме европскиот сон со надеж дека трудот ќе биде признаен и награден“ изјави Мицкоски.

Вели, некои земји членки на Унијата понекогаш не се однесуваат во духот на европските вредности и токму затоа, како што рече, побарал доследност и лидерство од ЕУ, што ќе го врати ентузијазмот за европската идеја, особено кај младите.

„Го зборувам ова не само како политичар, туку и како човек, како професор. Европа мора да покаже дека не е затворена тврдина, туку жива визија – заедница на вредности. Верувам во европскиот сон, но бараме тој сон да биде достапен за сите,“ нагласи Мицкоски.

Според него, Македонија останува отворена и подготвена за соработка, со подадена рака кон Унијата.

„Европа може да смета на нас. Но сега е време и ние да почнеме да сметаме на Европа,“ заклучи тој.

23.05.2025 - 13:36

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега