Муцунски и Калас: Државата нема да биде пасивен набљудувач во градењето на безбедносната иднина на Европа
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Скопје оствари средба високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и претставници на Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС) во рамки на Дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија.
Во воведното обраќање пред јавноста, министерот истакна дека по минатогодишното Партнерството за безбедност и одбрана, државата направи стратешки исчекор напред, воспоставувајќи сеопфатна рамка за структуриран дијалог и практична соработка во клучни безбедносни области – од справување со хибридни закани и сајбер-безбедност до унапредување на отпорноста, одбранбените капацитети и заедничкото учество во кризни мисии и операции.
-Со денешната средба отвораме ново поглавје во нашата стратешка соработка и поставуваме цврста основа за уште подлабоко партнерство, засновано на заеднички вредности, заемна доверба и споделени безбедносни интереси. Во таа смисла, Партнерството за безбедност и одбрана и самиот Дијалог треба да се гледаат како почеток на еден унапреден стратешки пристап на нашиот пат кон целосна интеграција во безбедносните и одбранбените политики, инструменти и механизми на Европската Унија – дури и пред формалното членство. За таа цел, важно е заеднички да работиме кон исполнување на споделената цел за посилна, поотпорна и поефикасна Европа, посочи Муцунски.
Тој ја истакна важноста за безбедносната и одбранбената соработка поради геополитичката нестабилност, хибридните закани и сè покомплексните безбедносни предизвици кои бараат решителен одговор. Посочи дека како држава имаме 100-процентна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
-Нашето учество во мисиите и операциите на ЕУ и Борбените групи на ЕУ претставува дополнителна потврда за нашата способност и подготвеност да дејствуваме како рамноправен партнер. Во таа насока, особено ја цениме поддршката добиена преку Европскиот мировен фонд, во досегашна вкупна вредност од 38 милиони евра. Оваа поддршка ни помага да ја забрзаме модернизацијата и оперативните способности на нашите армиски сили, а со тоа да ја подигнеме и подготвеноста за натамошно зголемување на учеството во мисиите и операциите на ЕУ, рече Муцунски.
Државата нема да биде пасивен набљудувач, туку како активен, сериозен и одговорен партнер во градењето на безбедносната иднина на Европа, порача министерот.
-ЕУ треба да покаже решителност и одважност и да донесе храбри одлуки во насока на својата политика за проширување. Неактивноста на тој план може да овозможи други геополитички актери да се натпреваруваат за влијание во регионот, а тоа може да го поткопа кредибилитетот на Унијата и довербата во целиот процес. Само обединета и силна Европа може да се справи со безбедносните предизвици кои стојат пред нас, нагласи Муцунски.
Министерот го поздрави објавениот предлог за воведување на инструментот SAFE, кој, преку вклучување на земјите-кандидати во заедничката набавка и модернизација на одбранбените капацитети, отвора можности за уште подлабока соработка, интегрирање на безбедносни сили во европската безбедносна структура и ревитализација на одбранбени капацитети.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа