Муртезани во Брисел: Финализираме документи за отворање на Кластер 1 со ЕУ

 


Во рамки на дводневната посета на институциите на Европската Унија во Брисел, министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска остварил средба со Валентина Суперти, директорка во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија.

Дискусиите, како што соопштија од Министерството  за европски прашања, се одвивале во контекст на напреднатата фаза на подготовките за отворање на Кластерот 1 (Фундаментални вредности), при што посебен акцент бил ставен на исполнување на одредниците за отворање кои се предуслов за отворање на овој кластер, дефинирани во Преговарачката рамка.

Министерот Муртезани информирал дека Владата веќе ги финализира суштинските стратешки документи: Патоказот за владеење на правото, како и придружниот Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците и Патоказот за реформа на јавната администрација со што практично се заокружува исполнувањето на условите и се отвора патот кон формално отпочнување на преговорите почнувајќи со отворање на првиот Кластер.

Муртезани нагласил дека овие документи се резултат на темелна координација со Европската комисија и вклучување на релевантните чинители од институционалниот, граѓанскиот и експертскиот сектор, вклучително и јавни презентации пред надлежните собраниски тела. Финалната верзија на документите, како што поочуваат од МЕП, се усогласува со Европската комисија, пред нивното формално усвојување од Владата.

На средбата, како што е наведено во соопштението, биле разгледани тековните активности поврзани со имплементацијата на Реформската агенда 2024–2027 и Планот за раст за Западен Балкан, вклучително и процесот на евалуација на првото Барање за исплата на средства, доставено до Европската комисија на 14 март годинава.

Соговорниците разговарале и за реформите планирани за реализација до јуни годинава, особено во областа на енергетиката, дигиталната трансформација, деловното окружување и владеењето на правото.

Суперти, како што соопшти Министерството за европски прашања, ја поздравила посветеноста на Владата во исполнувањето на своите обврски и проактивниот пристап во градење функционална институционална структура за управување со евроинтегративниот процес.

Соговорниците ја истакнале важноста од редовна и отворена комуникација, како предуслов за кредибилна европска перспектива и остварување на јасни резултати во приближувањето кон ЕУ.

13.05.2025 - 09:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега