ВМРО-ДПМНЕ: Заев да одговори како 70.000 прислушувани разговори се најдоа во рацете на криминалец
ВМРО-ДПМНЕ вечерва го обвини лидерот на СДСМ Зоран Заев дека, според неговото признание, незаконски поседува 600 илјади нелегално стекнати прислушувани разговори и оти го прекршил Договорот од Пржино.
- Господине Заев, според вашето признание, вие незаконски располагате со 600.000 нелегално стекнати прислушувани разговори. Го прекршивте Договорот од Пржино и по стоти пат излажавте, изјави на прес-конференција Антонио Милошоски, пратеник и член на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Како претседател на СДСМ, рече Милошоски, на јавноста и должите одговор како се најдоа 70.000 нелегално прислушувани разговори во рацете на вашиот пријател, а познат криминалец Захир Бекири.
Наведе дека Заев ветувал дека само тој има пристап до материјалите и дека е гарант за приватноста на граѓаните чии разговори нелегално ги поседува.
- Материјалите не ги предадовте на Специјалното јавно обвинителство кое беше формирано по барање на СДСМ, туку тие се најдоа во рацете на криминалци. Медиумите објавија дека кај овие криминалци се најдени над 70.000 приватни разговори. Тоа значи дека илјадници македонски граѓани јавни личности, стопанственици, новинари, судии и многу други од утре со монтирани материјали може да бидат уценувани и да бидат жртви на изнуда или да бидат наклеветени, рече Милошоски.
Повторно побара од Заев да одговори за што разговарал со Захир Бекири, кој во моментов е во затвор поради изнуда, како и зошто одбегнал да одговори што разговарал со Бекири кога тој бил во посета во канцеларијата.
Истрагата за аферата фалсификувани лични карти не ја отворил генералниот секретар и технички министер Оливер Спасовски туку, според Милошоски, тој барал оваа истрага да биде што побавна, сега се знае и зошто.
- Истрагата ја водеа професионалците од МВР и Јавното обвинителство и ги повикувам до крај да ги извадат на површина сите инволвирани во случајот „Фабрика за афери на СДСМ“, истакна Милошоски.
Намерите на СДСМ, според Милошоски, се осуетени и пресретнати, а не успеа ниту обидот немањето на проекти и дела зад себе кои се од интерес на граѓаните СДСМ да го замени со деструкција и со лажни афери.
- Сите кои учествувале во „Фабриката за афери“ треба да ја добијат заслужената казна. Некој ќе ја добие казната само од Судот во Република Македонија, но некој ќе ја добие заслужената казна и од изборниот суд на народот на 24 април, рече Милошоски.
Граѓаните, посочи, ќе ги казнат сите кои се обидуваат да си играат со трпението, интелигенцијата и волјата на народот, сите оние кои земјата ја држат во заложништво за да остварат свои лични цели со помош на криминални структури, со помош на фалсификувани документи, со ниски манипулации и нелегално стекнати прислушкувани материјали.
Милошоски рече дека Заев попусто се надева дека изборите ќе бидат одложени за три до шест месеци и оти останаа уште 123 дена до крајот на ваквите ниски манипулации и крајот на неговата лична политичка кариера.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа