Први знаци на морбили – како да се препознаат симптомите
Во Скопје вчера попладне беше прогласена епидемија на морбили, па еве како да ги препознаете симптомите и да се заштитите навреме.
Mалите сипаници, се акутно, вирусно, многу заразно заболување, предизвикано од вирусот на морбили, кое се манифестира со катарални симптоми и макулопапулозен исип, а се јавуваат во помали и поголеми епидемии. По инкубација од 10-12 дена, се јавува зголемена телесна температура од 38 до 40 степени, главоболка, малаксаност, вознемиреност. Истовремено се јавуваат и катарални симптоми како солзење на очите, течење на носот, сува кашлица т.н. “плачна маска“.
Карактеристично е што во устата се појавуваат бели наслаги што се задржуваат два до три дена, а по еден до два дена се јавува осип на кожата со телесна температура од 38 до 40 степени. Првиот осип (макули) се јавува навечер, во пределот на косата. По еден до два дена, тој осип се шири по целото тело, при што кожата станува видливо црвена, со ситни макулозни промени. Осипниот стадиум трае 3 до 6 дена и потоа осипот почнува да бледее, а по една недела се губи.
Како се пренесува болеста и што треба да се направи додека трае?
Малите сипаници, според лекарите се типично респираторно заболување и се пренесува преку воздушно-капков пат. Покрај горните дишни патишта, како влезна врата се и коњуктивите. Резервоар на инфекцијата е исклучително човекот, дoдека изворот на заразата се секретите на заболениот. Се смета дека 90% од луѓето без имунитет кои го споделуваат животниот простор со заболеното лице ќе се заразат. Во тешките форми на заболувањето може да се добие бронхопневмонија, бронхиолитис, ларингитис или бактериска пневмонија како дополнување на основната болест. Во потешки форми се јавуваат и отитис-воспаление на увото, синуситис-воспаление на синусите, и енцефалитис-воспаление на мозочните обвивки. Најважно е болниот во текот на заболувањето да се изолира, да седи во домашни услови, на амбиентална температура од 24 степени, да зема многу течности, чаеви, природни сокови и витаминска терапија. Ако болеста е пропратена со висока температура со контрола и препорака на лекар се земаат и антипиретици - лекови за намалување на истата. Болеста, објаснува д-р Лазаревска, се пренесува преку воздух, со ситните капки секрет од дишните патишта кои при кашлање, кивање и гласно зборување ги исфрлаат заразените лица. Вирусот може да живее до два часа во надворешната средина и тоа на предмети и површини што даваат можност за индиректно пренесување како детски играчки, загадени предмети и работни површини. Согласно Календарот за имунизацијата во Македонија, вакцинацијата против мали сипаници се дава во две дози. Првата доза по навршените 12 месеци од животот, а втората на 6 годишна возраст. Траен имунитет се создава по прележување на заболувањето и штити во текот на целиот живот.
Епидемија на мали сипаници се прогласува кога има повеќе епидемиолошки поврзани случаи. Зголемување на бројот на заболените од мали сипаници обично се јавува циклично на секои 2-3 години. Во зависност од текот на епидемијата се предлагаат и преземаат соодветни мерки, што вклучува дополнително и евентуална вакцинација на одредени групи на лица, блиски контакти во семејството, затворени колективи, колективи со групно сместување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа