Битиќи: Зголемување на платите во образованието значи уште повисока инфлација, но тоа е пресметан ризик
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека зголемување на платите во образованието, макар и за 10 отсто, како што предлага Владата, ќе влијае на зголемување на инфлацијата, но вели дека тоа е пресметан ризик.
-Највисок интерес во овој момент е децата да го добијат правото на образование гарантирано со Уставот. Без разлика на сите чинители. Ние направивме исчекор, да кажеме, иако имавме одредени планови, ние свесно влеговме во оваа спирала на зголемување на плати, но тоа треба да се случи кога ќе се процени дека е најмал негативниот ефект, рече Битиќи во синоќешната емисија „360 степени“ на ТВ Алсат.
Битиќи вели дека треба да се зборува и за продуктивноста, правејќи паралела меѓу приватниот и јавниот сектор.
-Во приватниот сектор бараме продуктивност и ефикасност, треба да се бара истото и во јавниот сектор. Ако овде бараме рационализација и оптимизација, тоа треба да го примениме и во јавниот сектор, истакна Битиќи.
Прашан за ставот на СОНК дека квалитетот на учениците што произлегуваат од нашиот образовен систем зависи и од лошите услови за работа, немањето соодветни помагала…, Битиќи одговори дека одговорноста е кај сите вклучени во системот.
-Промената доаѓа од нас. Ако јас денеска од осум часа одработам осум минути, виновен да ми биде мојот колега?! Јас сум виновен. Ако треба денеска да поминам комисија на која има 90 точки и комисијата не ја свикувам четири недели, никој не е крив, јас сум крив. Почнува од нас. Така што, кривицата и одговорноста треба да ја гледаме во нас лично. Сите сме во екосистемот и секоја единка во екосистемот е крива и одговорна за состојбите, смета вицепремиерот.
Посочи дека и самиот на синдикатите им рекол дека заслужуваат повисоки и достоинствени плати, но со вредносни принципи и одржлива методологија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа