Петрушевски: ЕСМ и РЕК Битола беа користени од функционерите на поранешната власт како претпријатија за испумпување милиони

 


ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува институциите да продолжат во спроведување на законот и овозможување на правдата во врска со денешната полициска акција насочена кон поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ и на енергетските капацитети што се под нејзина капа, меѓу кои и поранешниот генерален директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Пратеникот Бране Петрушевски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ со години гласно зборуваше за криминалот во ЕСМ и РЕК.

„Двата енергетски комбината и ЕСМ и РЕК ‘Битола’ беа користени од функционерите на поранешната власт како претпријатија за испумпување милиони преку тендери додека народот плаќаше скапа струја. ВМРО-ДПМНЕ ја предупредуваше власта на СДС и ДУИ да не ја крадат државата и дека одговорност за криминалот ќе има. Сите наши апели не вродија со плод, СДС и ДУИ ја ограбија државата, но затоа сега одговорност ќе има и секој ќе одговара за она што правел“, рече Петрушевски.

Како што додаде, за да има милиони за тендери на Ковачевски, Заев и Филипче, цената на производство на струја ја качија од 33 евра за мегават-час на над 100 евра. Сето тоа го направија преку осакатување на системот, недоволна експлоатација на сопствен јаглен, скап увозен и неквалитетен јаглен, што влијаеше за дефекти на постројките.

Најмалку десетина луѓе се уапсени во акцијата поврзани со РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“. Од МВР велат дека во тек е полициска акција и дека по завршувањето, ќе бидат соопштени детали. Истрагата ја водат двајца обвинители од Обвинителството за борба против организирниот криминал.

10.12.2024 - 13:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега