Премиерот: Таравари одлучи да се приклучи на блокот на криминалот
Блокот на криминал и минатото и оној на иднината и просперитетот на Македонија се двата блока, кои ќе се спротистават на претстојните избори, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови пристапи во третман на лица прекршители на законите во Тренинг центарот во Идризово.
Според него, Арбен Таравари одлучи да се приклучи на првиот блок, појаснувајќи дека на политичката сцена неделава многу работи ќе бидат појасни.
– Реалната политика е работа на можното. Јас сум свесен за тоа. Неделава ќе има многу работи појасни. Но, едно е јасно, дека на помалку од пет месеци од почетокот на кампањата за локалните избори се дефиренцираат два блока. Едниот е блок од минатото, блокот на криминал, корупција, срам, пљачка, блок кој тесно коалицираше со криминални банди. Повремено спортуваше во своите кабинети, играше фудбалчиња, баскет. Често пати се однесуваше, безобзирно кон граѓаните и знаеше да го збогати својот возен парк или возниот парк на своите најблиски со по некој „мајбах“, автомобил кој вреди неколку стотици илјади евра, додека граѓаните едвај врзуваа крај со крај во месецот. Имаше и такви кои беа љубители на недвижности па купуваа цели трговски центри… Тоа е едниот блок на кој за жал Арбен Таравари одлучи да му се приклучи и другиот е Блокот на чесните граѓани, блокот на Македонија, кој што сака да види една богата успешна земја во која ќе нема повластени, нема да се играат фудбалчиња во владините кабинети, туку ќе се работи, ќе се испорачува за граѓаните, рече Мицкоски.
Во однос на позицијата на вицепремиерот Арбен Фетаи, кој беше кадар на ВРЕДИ од АА, тој потенцира дека неделава ќе има средба со раководството на партијата.
– Оваа недела ќе бидат многу работи појасни. Очекувам да се видам со луѓето во ВРЕДИ и да поразговараме за иднината на Владата, коалицијата со една јасна програма до локалните избори и потоа. Многу работи ќе бидат познати оваа недела, повтори Мицкоски.
Прашан за коментар за изјавата на дел од функционери на ВРЕДИ за можно преминување пратеници од ДУИ на страна на мнозинството, рече дека политиката е работа на можното.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа