Андоновски: Ги повикувам младите да се регистрираат на порталот uslugi.gov.mk за да аплицираат за ваучер
Во вчерашната емисија „Вести Плус“ на Канал 5 телевизија, гостуваше министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, каде што зборуваше за новата владина мерка - ваучери за електронски уреди за студенти.
„Ја користам оваа прилика да ги повикам младите да се регистрираат на националниот портал uslugi.gov.mk, сеуште не е започнато аплицирањето за ваучерите, но да си направат свој профил за потоа да можат лесно, од дома, да аплицираат за ваучер“, истакна Андоновски.
Андоновски објасни дека оваа мерка премиерот ја најави пред 10 месеци, но минатата година беше предоцна за да се предвиди во буџетот. Оваа година, по направените подготовки од страна на Владата, средствата се предвидени во буџетот и веднаш се започнува со нејзина реализација.
„Над 50 милиони евра ќе бидат распределени за ваучери за електронски уреди за студенти, ова е дигитализација во пракса затоа што не може само да дигитализираме услуги туку треба и да им овозможиме алатки на младите и да ја подигнеме дигиталната писменост “, додаде Министерот.
Министерот во своето гостување потенцираше дека владата реализира низа мерки и проекти во кои главен фокус се младите, нагласувајќи ја отвореноста на институциите кон младите.
„Досега немаше ниту една мерка од ваков вид за младите. Во исто време, Владата вработува млади специјализанти во здравството, ангажира млади луѓе во одбраната, а во нашето министерство ни се приклучи нова група млади луѓе. На тој начин ги отвораме институциите кои се клучни за граѓаните кон младите. Во мојот домен овозможуваме бесплатни интернет-зони, со фокус на студентските домови и овој проект го започнуваме од Битола“, заврши министерот Андоновски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа