Орбан: Ако Украина стане членка на ЕУ, ќе ги апсорбира сите наши пари
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Унгарија сака да ја држи Украина надвор од Европската Унија, бидејќи, како што рече, членството на Украина во ЕУ би значело дека земјата ќе „ги апсорбира сите унгарски пари“.
Во интервју за јавното радио, Орбан рече дека западните лидери одлучиле да постигнат договор со Украина за одржување на армија од околу еден милион војници, чии трошоци ќе ги покријат европските земји, објави МТИ. Унгарскиот премиер додаде дека „наместо да ги зајакнува сопствените вооружени сили, Западна Европа ѝ плаќа на Украина за своите платеници“. Според него, ова би можело да претставува сериозен безбедносен ризик за Европа, бидејќи на крајот би можело да се финансира армија чии намери „не секогаш ќе бидат пријателски, или барем нема да има гаранција дека тоа ќе биде случај“.
„Членството на Украина во ЕУ е поврзано со ова, бидејќи е многу полесно да се донесат финансиски одлуки во корист на Украина ако таа земја е членка на ЕУ отколку ако не е“, рече Орбан, додавајќи дека Унгарија, заедно со другите земји од Централна Европа, ќе ја плати цената на пристапувањето на Украина во Унијата.
Премиерот ги покани Унгарците да гласаат на референдумот во 2025 година, на кој ќе се дискутира прашањето за потенцијалното членство на Украина во ЕУ, пренесува Танјуг.
„Да не дозволиме други да одлучуваат за нас“, нагласи тој во својот апел до граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа