Повредените од пожарот во Кочани ќе одат на рехабилитација во Пониква
Повредените од пожарот во Кочани ќе бидат испратени на рехабилитација во Пониква. На денешната седница на Владата и официјално се усвои информација за потреба од обезбедување на рехабилитација во Пониква, за потребите на пациентите.
„Со оглед на природата на повредите, особено кај пациенти кои претрпеле сериозни изгореници, неопходна е долгорочна и специјализирана нега, физиотерапија, психолошка поддршка и континуиран медицински надзор. Туристичкиот центар во Пониква, со своите природни и технички услови, е соодветна локација за спроведување на овој тип рехабилитација“, соопшти Владата.
Потребите кои ќе бидат обезбедени се однесуваат на сместување и терапевтски капацитет за повредените пациенти, ангажман на медицински и физиотерапевтски тим со специјална обука во третман на изгореници, обезбедување психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства како и континуирана комуникација со болниците и специјалистите кои ги третираат пациентите во акутната фаза.
Според Владата, оваа иницијатива ќе придонесе не само за физичко заздравување, туку и за психосоцијална стабилизација на повредените лица, со што ќе се забрза нивниот повраток во секојдневниот живот.
Планот, распоредот, начинот на спроведување на продолжената медицинска рехабилитација, како и обезбедувањето на соодветни медицински тимови, ќе биде изготвен од страна на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани, во соработка со: Министерството за здравство, Јавните здравствени установи вклучени во третманот и рехабилитацијата на повредените пациенти, како и во согласност со потребите и состојбата на самите пациенти и нивните семејства.
„Во таа насока, Владата ја усвои Информацијата за потреба од обезбедување на рехабилитација во Пониква и го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги стави на располагање сместувачките капацитети во одморалиштето во Пониква за период од 10 јуни до 20 август. Владата го задолжи Министерството за здравство во соработка со ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани и Работната група формирана од Владата во соработка со пациентите да го донесе оперативниот план за рехабилитација. Исто така, трошоците за сместување и оброк на пациентите, како и оброк за медицинскиот кадар се на товар на Министерството за внатрешни работи“, соопштија од Владата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа