Ресенчани украле 58 акумулатори од железница, па ги продавале како старо железо

 

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца соизвршители на продолжено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 4 од Кривичниот законик.

-За период од околу 2,5 месеци, од февруари до крајот на април годинава, двајцата осомничени жители на Ресен, во повеќе наврати насилно влегувале во објекти од цврста градба на железничката делница од пругата „Поранешно Фринко“ до селото Кремница, кои служеле за команда на светлосна и звучна сигнализација за железничкиот сообраќај.

Кршејќи ги решетките од долниот дел на вратите со кои биле обезбедени вкупно 8 објекти сопственост на оштетеното Јавно претпријатие за железничка инфраструктура – Железници на Македонија – Скопје, осомничените демонтирале и одзеле вкупно 58 акумулатори со различна јачина, со што ја загрозиле сигурноста на железничкиот сообраќај, информира Обвинителството.

Потоа, двајцата осомничени ги продавале украдените акумулатори како отпадно железо.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од влијание врз сведоци во постапката, како и можност осомничените да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата.

08.08.2025 - 17:13

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега