СДСМ: Славески како гувернер значи погребување на независноста на Народна банка

 


Предлогот Трајко Славески да биде Гувернер значи погребување на последната независна институција, велат од СДСМ. Од таму најавија дека остро ќе се спротивстават на изборот на Трајко Славески за гувернер на Народната банка.

„Невиден преседан е да се дозволи класичен партиски пиун да ја води оваа важна финансиска институција, каде што досега секогаш имало независни експерти на функцијата гувернер. Трајко Славески е човекот за кој 9.000 денари минимална плата се „многу пари“. Тој е перјаницата на Мицкоски против интересите на работниците. Гувернер ќе стане економистот кој е познат како најголем непријател на идејата за покачување на минималната плата, како и непријател на правилното пресметување на потрошувачката кошничка за четиричлено семејство – човекот кој, додека ги водеше финансиите на земјата, жестоко ја раскрчмуваше и задолжуваше државата. Славевски е висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ кој беше близок соработник и на Никола Груевски, министер во неговата влада која ги понижуваше работниците и ги третираше како ефтина работна сила“, велат од СДСМ.

Како претседател на Советот на Град Скопје, велат од СДСМ, Славески ќе остане запаметен како лицето кое го уништи градот.

„Славески ги водеше битките на Мицкоски со Арсовска, откако им пропаднаа бизнис-зделките. СДСМ е длабоко разочаран и од полтронскиот однос на претседателката Силјановска. Нејзиното потклекнување пред барањата на Мицкоски е доказ дека ниту некогаш била независна, ниту пак во иднина ќе донесе независна одлука. Таа, како и сите претходни претседатели избрани од ВМРО-ДПМНЕ, е тука само за да исполнува партиски наредби. Имаше можност да застане зад сопствен избор, да промовира независна и стручна личност, но реши да ја наведне главата пред Мицкоски“, велат од партијата.

22.05.2025 - 11:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега