Шок во Дизниленд: Британски педофил организирал „лажна венчавка“ со 9-годишно дете

 


Британски државјанин (39), познат на полицијата за сексуални престапи врз малолетници, е уапсен во Франција откако се обидел да организира лажна венчавка со деветгодишно девојче во Дизниленд.

Француските обвинители потврдија дека станува збор за педофил во бегство кој е под истрага во Велика Британија за кршење на условите од регистарот на сексуални престапници.

Инцидентот се случил во саботата, кога вработените во тематскиот парк биле шокирани од појавувањето на маж во придружба на деветгодишно украинско девојче, нејзината мајка и околу 100 гости. Сè било организирано како „лажна венчавка“, која требало да се емитува во живо на социјалните мрежи, пишува Дејли меил.

Осомничениот Британец, кој е под законски ограничувања за именување, е обвинет за измама, кршење на довербата, перење пари и кражба на идентитет. Обвинителите во Мо, град источно од Париз, изјавија дека тој користел фалсификувани документи за да се претстави како латвиски државјанин и да склучи договор за „приватизација“ на дел од Дизниленд, вреден околу 115.000 фунти.

Девојката, според обвинителството, ја играла улогата на „невестата“, а мајката на детето за време на сослушувањето изјавила дека сака „ден достоен за принцеза“ за нејзината ќерка.

Покрај Британката, уапсени се уште три лица: мајката на девојчето (41), државјанка на Украина, потоа 24-годишна Летонка која ја играла сестрата на „невестата“ и 55-годишен маж од Латвија кој исто така учествувал на церемонијата.

Истрагата покажа дека настанот бил организиран како фиктивна венчавка исклучиво за цели на снимање, и дека детето не било изложено на физичко или сексуално насилство, ниту пак било принудено да учествува. Девојката пристигнала во Франција два дена пред церемонијата.

Според обвинителите, организаторите ангажирале статисти преку интернет, вклучувајќи околу 100 Французи кои се претставиле како гости, сето тоа под услов настанот да остане доверлив.

Вработените во Дизниленд наводно го прекинале настанот штом дознале дека „невестата“ на церемонијата всушност е дете.

„Сите беа во шок. Вработените во Дизниленд реагираа професионално и веднаш прекинаа сè“, изјави еден статист за „Ле Паризиен“. Друг статист ја опиша хаотичната сцена за францускиот „Ле Паризиен“: „Ги видов вработените како си заминуваат во солзи. Еден човек помина покрај мене и рече на англиски: „Девојчето има 9 години, прекинуваме сè!““

Обвинителите сè уште спроведуваат детална истрага, а Британецот моментално е во притвор чекајќи понатамошна екстрадиција или судење во Франција.

24.06.2025 - 16:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега