Средба Кошта-Сиљановска: Не смееме да бидеме колатерална штета на ветото

 

Во процесот на европската интеграција не смееме да бидеме колатерална штета на ветото и на билатерализацијата на процесот на евроинтеграција, нагласи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Истакнувајќи дека земјава e фокусирана на спроведување на реформската агенда заради достигнување на европските стандарди, Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, нагласила дека Копенхагенските критериуми се, и треба да останат единствените услови за членство во Европската Унија. 

Сиљановска-Давкова потенцирала дека единствено со добра волја, меѓусебно разбирање и почит, може да се решат бугарско-македонските недоразбирања и спорови. 

-Преговорите за историјата, културата и јазикот не се во духот меѓународното и европското право и значат негирање на европските вредности и принципи, утврдени во конститутивните документи на ЕУ во коишто се гарантираат националниот и културниот идентитет, како и интегритетот и дигнитетот на граѓаните, нагласила претседателката.  

Предупредувајќи дека македонскиот преседан може да има домино ефект, проширувајќи се и на други држави од регионот, но и пошироко, со што ќе се загрози политиката на проширување на ЕУ, таа побарала од Европскиот совет да предложи решение за оневозможување нови барања и условувања коишто ќе го дефокусираат нашето внимание од реформите на идентитетски прашања.      

Претседателката укажала дека бројката од 36 уставни амандмани за триесеттина години, од коишто најголемиот број се иницирани однадвор, ја релативизира важноста на уставот како највисок правен акт, од една страна и најширок и најважен општествен договор на граѓаните, од друга.

Сиљановска-Давкова потсетила и на редовното искуство при секоја измена на Уставот, на предложените амандмани да им се придружат нови, чие усвојување е услов за поддршка на првите.  

Потенцирајќи дека интегрирањето на Западен Балкан е јасен приоритет за ЕУ, претседателот на Европскиот совет Кошта искажал разбирање за националните чувства и состојбата во која се наоѓа државата и изразил став дека не очекува дополнителни политички условувања на македонскиот пат кон ЕУ.

Ценејќи ги вложените напори во изминатите две децении, Кошта смета дека треба да го искористиме моментов на зголемен интерес на ЕУ за проширување, во функција на обезбедувањето поголема безбедност и сигурност, покрај европеизацијата на регионот.  

16.05.2025 - 08:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега