Таравари оди во опозиција - Мицкоски вели „Со среќа во прегратките на Ахмети"
По состанокот на Алијансата на Албанците, претседателот Арбен Таравари вчеравечер на прес-конференција изјави дека ја напуштаат владината коалицијата и дека одат во опозиција. Според него, едногласна била одлуката во партијата на оваа средба на која беа партиските функционери и претседателите на ограноците. Тој вели дека се горди на промената во албанскиот политички блок која ја направиле после две децении, но дека промените не биле доволни. Таравари најави дека ќе има уште една средба со премиерот Христијан Мицкоски.
- Констатиравме дека минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после 20 години. Меѓутоа, меѓутоа промените што ги видовме за жал не ги испорачавме и тоа се секојдневно граѓаните не критикуваат. Затоа ние одлучивме, да се вратиме кај граѓаните. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Кога со „Вреди“ се обидувавме околу шест недели и ако имаме сопствени советнички листи да изнајдеме начин за меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници, меѓутоа, не успеавме во тоа и денес констатираме дека доколку има недоверба во тие што се членови на владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи немаме што да бараме таму, рече Таравари.
Според него, сега партијата подобро ќе функционира надвор од Владата, ќе биде со граѓаните и ќе ги слуша нивните гласови. Тавари тврди дека има огромно незадоволство помеѓу сите граѓани, меѓутоа посебно Албанците за тоа како владее „Вреди“ во оваа Влада.
- На пример, балансерот се тргна и ние ветивме во ноември или декември дека ќе го донесеме законот за правична застапеност. Сега сме веќе 12, 13 мај никаде не законот. Можеби ова ќе биде тригер фактор, за балансерот да помине овие денови, да ни покажат дека вие неможевте, ете ние го донесовме, меѓутоа и тоа е придонес и тоа е помош. За жал, мора да констатираме дека во повеќето институции Албанците се жалат дека третманот за тие вработени во администрацијата е полошо отколку порано, што нас, искрено, не загрижува. Исто така многу ни е битен и европскиот пат на Македонија. Јас мислам дека ова ќе биде, тежок период за Македонија многу е битно што поскоро Македонија да биде дел од Европската унија, а ние и како опозиција, впрочем, како и кога бевме во власт се обидувавме во овој правец да фасцилитираме и да помогнеме колку што може, истакна Таравари.
На новинарско прашање дали тоа што еден министер и еден пратеник не се со нив, значи дека се одвојуваат од партијата, Таравари негираше.
- Со Фетаи се слушнавме, на пат е, не е во Македонија, со Салими ручавме во 15 часот има семејни проблеми, патува за Струга. Тука се тие освен Арбен Фетаи, кој е надвор од државава, истакна Таравари.
Со ДУИ засега, вели Таравари, нема никаков договор, но имало некаква комуникација. Рече дека практично се во оставка, но нема да ги остават институциите за да може да функционираат и ќе се одат кога ќе се назначат нови луѓе.
- На локалните избори очекуваме АА да биде еден од важните фактори кај Албанците. За сите општини каде треба да се поддржи албански кандидат ќе го поддржиме. Нашата парламентарна група е компактна, како ќе функционира Владата ќе го прашате премиерот. Се надевам дека ќе имаме што повеќе советници, и што повеќе квалитетни кандидати за градоначалници, размислуваме и за кандидат за Општина Тетово, одговори Таравари на новинарските прашања за идните дејствувања.
Тој најави дека и покрај тоа што заминува во опозиција ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, но и со лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави: - „На Таравари нека му е со среќа но изненаден сум што му се врати на Ахмети во прегратки".
„Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба во текот на следната недела, на која што ќе сумираме што е тоа што е направено и да му посакам пред сè добро здравје. Тоа е она кое што на сите нас ни е најважно.
Морам да кажам дека најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука и убеден сум одлука на Малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијансата за Албанците и на голем дел од луѓето кои што се дел од оваа Влада.
Чесно беше и доблесно самиот тоа да го направи, да не ја влече владата за нос и граѓаните. Но ете, полека но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние коишто повеќе од две децении ја пустошеа, ја криминализираа, ја ограбуваа и ја фрлија Македонија на колена.“ – порача Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа