Тошковски: Македонија не е случајна творба, туку резултат на вековна борба
Денес не сме тука за да потсетиме на минатото како на нешто изгубено, туку за да се инспирираме од него. Да ја претвориме жртвата на нашите предци во сила што не носи напред. Денес од Трново, испраќаме порака на самодоверба, дека сме обединети, дека можеме, дека сакаме. Не за да бидеме против некого, туку за да бидеме за себе, за Македонија, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на традиционалната семакедонска средба што се одржа во потпелистерското село Трново.
На народниот собир, во дворот на црквата Успение на Пресвета Богородица, министерот Тоошковски нагласи дека државата не е случајна творба, туку резултат на вековна борба.
- Секој народ има ден во годината кога не само што слави, туку се собира со глава крената високо, си ја прегрнува татковината со гордост и си ветува себеси дека нема да се откаже, ниту од својот корен, ниту од своето име, ниту од својата чест. За нас Македонците, тој ден е Илинден. Собрани овде во Трново, ние сме жив доказ дека Македонија не е случајна творба, туку резултат на вековна борба, на пролеана крв и непоколеблива вера во правото на еден народ да биде свој на своето, истакна Тошковски.
Тошковски посочи дека Илинден е многу повеќе од обичен историски настан, дека тоа е темел врз кој се изгради нашата државност.
- Илинден е многу повеќе од обичен историски настан. Тоа е темелот врз кој се изгради нашата државност. Тоа беше моментот кога Македонецот и покрај сите угнетувања реши да каже „Доста е!“ и покажа дека не постои голема сила од народот што решава да живее слободно, на своја земја и според сопствена волја. Во времиња кога многумина се обидуваат да не направат невидливи, да не прикажат како народ без иднина, без корен, без значење, нашето присуство овде е јасна и гласна порака дека не само што постоиме, туку стоиме исправени, со гордост и одлучност. Македонија не е само географски поим. Таа е емоција, сеќавање и длабока сила што не врзува со коренот. Не е срамно да ја сакаш државата, срамно е да и свртиш грб. Не е екстремизам да го чуваш своето, екстремизам е да работиш против него за туѓ интерес, за туѓи агенди. И затоа сакам да порачам нешто што длабоко го чувствувам, денес не сме тука за да се потсетиме на минатото како на нешто изгубено, туку за да се инспирираме од него. Да ја претвориме жртвата на нашите предци во сила што не носи напред. Денес од Трново, испраќаме порака на самодоверба, дека сме обединети, дека можеме, дека сакаме. Не за да бидеме против некого, туку за да бидеме за себе, за Македонија, нагласи Тошковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа