Влада: Со директни антикризни мерки ублажуваме ценовни шокови за граѓаните
Владата презема низа мерки и активности кои треба да бидат поддршка и помош на граѓаните во услови на економска криза со која се соочува, светот, Европа и нашата држава, и е една од најголемите по завршувањето на Втората светска војна наваму, се вели во владиното соопштение испратено по писмен пат до медиумите.
Во него е потенцирано дека за да се намали ударот врз животниот стандард, Владата веќе интервенирала со зголемување на минималната плата и обезбедување директна помош за пензионерите и социјално најзагрозените семејства.
„Зголемената минимална плата, со новиот износ од 18 илјади денари веќе се исплаќа и со неа се опфатени 80 илјади работници во приватниот и државниот сектор. Денес со две минимални плати може да се покрие една синдикална потрошувачка кошничка за разлика од порано кога беа потребни 4.25 минимални плати.
Синдикалната потрошувачка кошничка за март изнесува 36.768 денари и од почетокот на годината е зголемена за 1.000,00 денари, но оваа сума се покрива со дополнителните по 1.000 денари месечно за пензионерите кои ќе се исплатат во следните три месеци како дополнителна помош за најранливите семејства“, се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека со измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се обезбедило примена на одлуката за раст на пензиите со примена на новата методологија, според која пензионерите ќе добијат историски највисоко зголемување на пензиите во септември.
„За најранливите категории за основни производи за исхрана обезбедени се по 1.000 ден за 3 месеци за 35.000 корисници, односно 105 милиони денари од Министерството за труд и социјална политика.
Владата продолжува да ја следи состојбата со економската криза и да интервенира со мерки и поддршка со кои ќе се олесни животот на граѓаните во услови на зголемени трошоци“, се дополнува во соопштението на надлежните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа