Забавување на инфлацијата во август
Во август е забележано значително забавување на месечната стапка на инфлацијa и истата изнесува 0.2%. За споредба, во јули, месечната стапка на инфлација изнесуваше 1.1%.
Месечната стапка на инфлација на храната и безалкохолните пијалоци изнесува 0.6% при што забележано е намалување на трошоците на живот за повеќе групи на производи како што се рибата и морските плодови од -0.9%, маслата и мастите од -0.1%, овошјето од -1.5%, Шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи од -0.2%, останати прехрамбени производи од -0.9%, потоа Минералната вода, безалкохолните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук од -1.1%, Кафето, чајот и какаото од -0.2%.
Малиот месечен раст на индексот на трошоци на живот за храната и безалкохолните пијалоци е резултат пред се на растот на цените на зеленчукот, од 4.9%, тренд присутен подолг период во целиот регион главно поради добро познатите состојби на намалени приноси и понуда поради понеповолните временски услови.
Намалување на трошоците на живот на месечна основа во август е забележано и кај облеката и обувките од -0.6%, здравствената заштита од -0.1%, транспортот од -3.1%, образованите од -0.1%, а трошоците останале на исто ниво во групите Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива и кај Комуникациите.
На годишна основа, стапката на инфлација исто така забавува при што во август е на пониско ниво, споредбено со инфлацијата во јули. (Во август изнесува 4.4%, за потсетување, во јули изнесуваше 4.8%). Годишната стапка на инфлација на храната има не-растечки тренд (изнесува 5.4%, за потсетување во јули изнесуваше 6%) водена пред се од повисоките цени на овошјето поради намаленото домашно производство и повисокиот увоз. Забавување на годишната стапка на инфлација во август, во споредба со јули, е забележана кај повеќето групи на производи.
Годишната стапка на инфлација со исклучени компоненти од храна и енергија (базична инфлација) исто така забавува и во август е на пониско ниво споредбено со јули. На месечно ниво, базичната инфлација бележи намалување односно (i) месечна инфлација со исклучени енергија, течни горива и мазива и храна е негативна и изнесува -0.2%, (ii) Месечната инфлација со исклучени енергија, течни горива и мазива и непроцесуирана храна е негативна и изнесува -0.1%, (iii) Месечната инфлација со исклучени енергија, течни горива и мазива и непроцесуирана храна, тутун и алкохолни пијалоци исто така е негативна и изнесува -0.1%.
Многу е значајно дека ние денес зборуваме за забавување на вкупната инфлација, забавување на базичната инфлација и за намалени трошоци на живот на месечна основа кај повеќе групи на производи. Ова се јасни, првични сигнали дека процесот на дезинфлација е започнат и убеден сум дека истиот ќе продолжи а инфлацијата постепено ќе се врати на посакуваните 2%.
Како резултат на економските мерки и политиките на Владата, денес сме сведоци на забрзување на економскиот раст, забавување на инфлацијата, пад на невработеноста и раст на доходот на граѓаните (за потсетување, во првата половина на 2025та година, на годишна основа е забележан реален раст на просечната плата за 5.8%). Нашиот економски модел води кон целосна трансформација на Македонија и подобрување на животниот стандард за граѓаните. Приоритет и цел е да обезбедиме поквалитетен живот за сите граѓани, иднина и просперитет на Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа