Активни 15 пожари
Активни се 15 пожари на отворен простор заклучно со 20.30 часот, од вкупно 28 евидентирани денеска. Два се под контрола, а 11 се изгаснати.
Како што информира вечерва Центарот за управување со кризи, активни пожари има во општините Василево, Радовиш и Берово кај с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските Планини, каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки, ниска вегетација, два во Прилеп во с. Бешиште, Бешишки Рид, крак кон с. Градешница и крак кон границата со Грција, со зафатена мешана шума, а активен е кракот кон с. Дрен, додека под контрола е помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и ниска вегетација.
Во Македонски Брод во с. Црешнево гори ниска вегетација, а помеѓу с. Локвица и с. Крапа деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација, во Штип – помеѓу с. Драгоево и с. Селце, нискостеблеста шума, прнар и сува трева, во Карбинци – с. Јунузлија, шума, во Зелениково – с. Гумалево, ниска и мешана вегетација, во Желино – помеѓу с. Церово и с. Групчин, нискостеблеста и деградирана шума.
Во Старо Нагоричане – с. Руѓинце и с. Орах, со пожар се зафатени шума, сува трева и куќа, во Куманово, во н. Ристово Трло и во с. Романовце сува трева, во Струмица – м.в. Три Води, вегетација, додека во Велес, кај ул. АСНОМ и помеѓу Росоман и Градско гори сува трева.
Под контрола се пожарите во Македонски Брод – с. Грешница, мешана шума и сува трева, и во Шуто Оризари – ул. Брсјачка Буна, дива депонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа