Ангеловска-Бежоска - Суперти: СЕПА е историски исчекор, банките треба да се подготват
Пристапувањето кон СЕПА претставува историски напредок на патот кон Европската Унија и потврда за реформите што ги предводеше Народната банка за исполнување на високите европски регулативни барања и стандарди во доменот на плаќањата, констатирале гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и директорката за Западен Балкан при Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија Валентина Суперти.
На состанокот, како што соопшти централната банка, било посочено дека Народната банка ќе продолжи да работи на одржување на макроекономската стабилност и на надминување на предизвиците во сите области на делување заради овозможување усогласеност со европските стандарди.
Соговорничките разговарале и за натамошните активности во доменот на пристапувањето кон СЕПА со што им се овозможува на домашните банки, и покрај тоа што не сме членка на ЕУ, да пристапат до европските платежни системи.
Гувернерката посочила дека централната банка заедно со банкарскиот сектор работи на обезбедување целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА до октомври 2025 година, што е првиот можен датум за влез на банките од земјите од Западен Балкан.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ја запознала директорката Суперти со последните макроекономски показатели коишто упатуваат на зајакната макроекономска стабилност и зајакната стабилност на банкарскиот систем.
Соговорничките искажале задоволство од спроведувањето на проектните активности на Народната банка со поддршка од ЕУ за усогласување со највисоките европски стандарди и регулативи и заложби за продлабочување на соработката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа