Бугарија од 1 јануари 2026 година го воведува еврото
Бугарија ги исполни сите критериуми и е подготвена да ја усвои единствената европска валута од 1 јануари 2026 година. Ова е јасно од извештајот за конвергенција на Европската комисија (ЕК), објави БГНЕС.
Министрите за финансии на Еврогрупата ќе го разгледаат извештајот на ЕК и оној на ЕЦБ на состанокот на 19-20 јуни во Луксембург. На самитот на ЕУ, кој ќе се одржи на 26-27 јуни, тие ќе бидат разгледани и од лидерите на Унијата.
На 30 јуни, Европската комисија ќе го даде предлогот за фиксирање на девизниот курс, и не се очекува тој да биде различен од сегашниот девизен курс утврден од валутниот одбор.
Конечната одлука за пристапувањето треба да дојде на 8 јули, кога земјите од Еврогрупата ќе ги усвојат законските одлуки за усвојување на еврото во Бугарија.
Со ова, Бугарија ќе биде 100% полноправна членка на Европската Унија, откако на почетокот на оваа година се приклучи и на копнениот Шенген, објави БГНЕС.
Бугарија е членка на ЕУ од 1 јануари 2007 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа