ДУИ загрижени: Само еден Албанец од 67 унапредени во УЈП
ДУИ изразува длабока загриженост и огорченост поради последните резултати од интерните конкурси во Управата за јавни приходи, кои уште еднаш ја разоткриваат системската дискриминација кон Албанците во институциите на државата.
На интерниот конкурс од 26 февруари годинава, унапредени се 26 Македонци и ниту еден Албанец. Дополнително, на конкурсот од 16 мај, од 41 унапредување, 40 се Македонци, додека само еден е Албанец. Овие бројки не се случајни, туку се резултат на смислено исклучување на Албанците од јавната администрација, што е спротивно на Уставот, Законот за употреба на јазиците и принципите на правична застапеност, велат од ДУИ.
„Оваа пракса е алармантен показател за враќање на старите дискриминаторски политики кои го поткопуваат соживотот и мултиетничкиот карактер на државата. Ја повикуваме Владата итно да објасни како е можно во 2025 година, во земја која се стреми кон членство во Европската унија, вакви етнички несразмери да се случуваат без срам и одговорност.
ДУИ нема да молчи пред овие неправди. Ќе ги преземеме сите политички и правни мерки за да се запре оваа институционална деградација на Албанците. Апелираме и до меѓународната заедница внимателно да ги следи овие тенденции кои водат кон сериозни нарушувања на меѓуетничката рамнотежа во државата“, стои во соопштението од ДУИ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа