Јаневска: Градиме образовен систем, кој ќе ги исполни целите на стратегијата за паметна специјализација
Македонија има стратегија за паметна специјализација, која дефинира области во кои имаме потенцијал за развој. Најважен ресурс за остварување на дефинираните цели е човечкиот капитал и токму во таа насока го обликуваме образованието да создава кадар кој е потребен во приоритетните области на стопанството. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на Светскиот образовен форум, што се одржува во Лондон, каде што е говорник на панел-дискусија за влијанието на стручното образование врз економскиот раст.
„Стратегијата за паметна специјализација нè насочува кон дигитална и кон зелена транзиција во областа на паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електромашинска индустрија и одржливи материјали и паметни згради. Во овие области е потребен стручен кадар и затоа сме фокусирани на унапредување и промоција на средното и на високото стручно образование“, рече Јаневска.
Министерката информира дека средното стручно образование во Македонија е целосно модернизирано, се применуваат модуларни наставни програми, има добро обучени наставници, а во едуцирањето на учениците учествуваат и компаниите.
„Во 2017 година воведовме концепт на дуално образование, односно учење преку работа и тој постојано се проширува. Компаниите се вклучени во развојот на практичните вештини кај младите и денес во македонските средни стручни училишта учат 70 % од вкупниот број средношколци“, рече Јаневска потенцирајќи дека и во високото образование фокусот е насочен кон техничките науки, но дека постои простор за продлабочување на соработката помеѓу универзитетите и бизнис-секторот.
Оваа година форумот е посветен на прашања поврзани со развојот на инклузивни, одговорни и отпорни образовни системи, кои поттикнуваат правичен и одржлив социо-економски раст. Се дискутира и за изнаоѓање иновативни решенија на актуелни глобални предизвици, етичка употреба на современата технологија и вештачката интелигенција, за ефективни начини на воспоставување јавно-приватни партнерства и развој на меѓународната соработка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа