Фицо до Калас: Немате овластување да ја критикувате мојата посета на Москва

 

Словачкиот премиер Роберт Фицо денес ѝ порача на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, дека таа нема овластување да ја критикува неговата посета на Москва по повод Денот на победата.

„Како висок функционер на Европската комисија, немате апсолутно никаква надлежност да критикувате суверен премиер на суверена земја кој има конструктивен пристап кон целата европска агенда“, напиша Фицо на својата Фејсбук страница.

Тој потсети дека повеќе од 60.000 војници на Црвената армија загинале за време на ослободувањето на Словачка и истакна дека дошол во Москва за да им оддаде почит.

„Драга Каја, уште еднаш ги забележав вашите изјави упатени до мене во врска со денешната посета на Москва и најавената средба не само со претседателот на Русија Владимир Путин. Јасно е дека не сум на вистинската страна на историјата или други такви длабоки геополитички размислувања“, рече Фицо.

„Прво на сите, дојдов во Москва за да им оддадам почит на повеќе од 60.000 војници на Црвената армија кои загинаа ослободувајќи ја Словачка. Не ми е јасно каква врска имаат овие храбри луѓе со моменталната меѓународна ситуација“, рече премиерот на Словачка.

Тој праша како можат да функционираат дипломатијата и надворешната политика ако политичарите не треба да се среќаваат и да водат нормален дијалог за прашања за кои имаат различни мислења.

„Не се согласувам со политиката на новата железна завеса, на која толку напорно работите“, заклучи Фицо, обраќајќи и се на Калас.

Каја Калас претходно го критикуваше Фицо за присуството на Парадата на победата во Москва во чест на 80-годишнината од победата над фашизмот, тврдејќи дека словачкиот премиер е „на погрешната страна од историјата“, пренесува Танјуг.

09.05.2025 - 20:36

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега