ФОТО: „Не се чувствувам виновен“ - почна судењето за нападот врз Арсовска
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почна судскиот процес против Сулејман Јамалари, обвинет за физички напад и закани кон градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Тој пред судот се изјасни дека не се чувствува виновен за делото „Насилство“, за кое го товари обвинителството.
На рочиштето сведочеше самата Арсовска, одговарајќи на вкрстени прашања од јавниот обвинител, својата адвокатка и одбраната на Јамалари. Таа изјави дека инцидентот се случил на 18-ти месецов додека стоела под чадор на сенка, кога обвинетиот пристигнал со електричен тротинет, ѝ се доближил со зборовите: „Што бараш ти тука“ и ја удрил два пати во лицето. Таа, како што рече, рефлексно возвратила со нога.
Арсовска додаде дека по интервенцијата на полицијата, Јамалари 40 минути продолжил со навреди и закани, не само кон неа, туку и кон присутните градски службеници. Побарал да зборува со „шефот“, по што неколку пати му било дозволено телефонски да контактира со трети лица. На крај, морала да биде повикана и Интервентната полиција за да ги извлече од локацијата.
Во врска со тоа што не ја потпишала изјавата во полициска станица, Арсовска рече дека полицајците се обиделе да ѝ наметнат туѓи зборови: „При здрава свест и совест, јас на своја изјава не можам да дозволам туѓи зборови“, истакна таа.
Градоначалничката побара и обештетување од обвинетиот, а се согласи против него да се води кривична постапка. Судскиот процес продолжува.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа