Герасимовски: Примени првите практиканти, од јули нов повик за пракса во општината

 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа средба со студентите кои успешно ја поминаа селекцијата и започнаа со практична работа во општинската администрација.
 
„Добредојдовте во Општина Центар. Ова не е само формалност, туку вистинска можност да бидете дел од реалните институционални процеси и да стекнете практично знаење. Стара вистина е дека еден грам искуство вреди повеќе од тон теорија , затоа искористете ја шансата, вклучете се и активно градете ја вашата кариера и иднина“, им порача Герасимовски на младите практиканти.
 
На првиот јавен повик примени се вкупно четворица практиканти – двајца во одделението за ИТ, еден во финансии и еден во јавни набавки. Практикантите ќе бидат ангажирани четири часа дневно во период од шест месеци, со месечен надомест од 15.000 денари. По завршувањето, секој студент ќе добие официјална потврда за реализирана практична работа во рамки на локалната самоуправа.
 
Дополнително, од 1 јули ќе биде објавен нов оглас за практиканти, со посебен фокус на студенти од градежен, архитектонски и правен факултет.
 
Општина Центар останува посветена на поддршката на младите преку создавање можности за практична обука, стекнување професионални компетенции и поврзување со јавниот сектор. Целта е изградба на генерации што ќе бидат подготвени и конкурентни на пазарот на трудот.
 
17.06.2025 - 10:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега