Талески: Ќе каже ли ВМРО-ДПМНЕ колку пари во форма на донации земале од осомничените од Пулс

 


Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на денешната прес-конференција ја обвини власта предводена од Христијан Мицкоски и Панче Тошковски за прикривање на вистината околу трагедијата во Кочани и заштита на полициски функционери. Според Талески, речиси четири месеци се правело сè за да се избегне одговорност од врвот на власта, вклучително и од директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев и министерот Панче Тошковски.

„Наместо итно да се побара одговорност, власта штитеше, молчеше и манипулираше со јавноста“, рече Талески. Тој нагласи дека целта била јасна – да се спречи вистината и да се побегне од одговорноста на највисоките функционери.

Талески истакна дека дури по силен јавен и политички притисок од СДСМ и дел од медиумите, конечно биле отворени постапки против неколку полициски началници. „Сега е јасно како ден дека вината е во врвот на МВР, во врвот на власта и за тоа мора да има кривична, правна и политичка одговорност“, додаде тој.

Пратеникот ја повика власта на конкретни чекори, барајќи директорот на БЈБ, Јанев, кривично да одговара по закон и хиерархија, а министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, веднаш да поднесе оставка. „Без нивно повлекување, секоја истрага е компромитирана, секоја правда е селективна, како и досега“, потенцира Талески.

Како конкретен пример за селективна правда, Талески го посочи случајот со главната инспекторка за економски криминал, Кристина Јованова, која, според него, не е опфатена со истрагата. „Таа имала надлежност да постапи, а не презела ништо, иако дискотеката „Пулс“ работела нелегално повеќе од една година – без лиценца, со блокирана сметка. Дури и сè уште е на функција. Затоа е заштитена од политички структури на власта и скриена зад ѕидот на молкот и неказнивоста“, изјави Талески, додавајќи дека штитејќи ја неа, всушност се штити и директорот на БЈБ, кој е директно одговорен за нејзиното (не)постапување.

Тој, исто така, потенцираше дека полицијата имала обврска да го затвори објектот, а не да спроведува контроли кои биле спротивни на процедурите. „Не се прави контрола на објект кој нелегално работи, тој се затвора“, истакна Талески. Дополнително, полицијата имала должност да спречи внес на пиротехнички средства, за што се знае дека е клучен причинител за пожарот.

„А кој ги постави сите овие началници, одговорни полицајци, надлежни полициски службеници? Кој им давал наредби? Тошковски и Јанев. Затоа одговорноста мора да почне од нив“, дециден е Талески.

На крајот од прес-конференцијата, СДСМ најави дека ќе ја продолжи борбата за вистината, најавувајќи „Вистината за Кочани 2“ – со нова серија факти, аргументи и информации. Талески јавно праша: „Ќе каже ли ВМРО-ДПМНЕ колку пари во форма на донации земале од осомничените од Пулс? Правда за Кочани мора да има. За Кочани, за жртвите, за семејствата, за правната држава.“

17.06.2025 - 13:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега