Ѓорѓиевски: Бесплатно летување за дечињата од социјален ризик

 

Обезбеден е бесплатен седумдневен спортско-едукативен камп за децата од социјален ризик и спортските таленти на територијата на општина Кисела Вода. Тие во август ќе заминат на бесплатно летување во Охрид каде што ќе можат да се дружат, социјализираат и да се едуцираат, сподели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Бесплатен летен спортско-едукативен камп во август, како што посочи, ќе посетуваат учениците од социјално ранливите семејства и младинските екипи составени од ученици кои учат во основните училишта во Кисела Вода, а се членови на спортските клубови регистрирани на територија на општината. 

-Овој бесплатен седумдневен камп на брегот на Охридското Езеро ќе биде повеќе од обично дружење. Тој претставува можност за нашите ученици да се социјализираат, да создадат нови пријателства и да ги развиваат своите спортски таленти.  Верувам дека преку вакви активности, децата ќе можат да ги зајакнат своите спортски вештини, но и да научат важни животни лекции за тимска работа, дисциплина и посветеност, посочи Ѓорѓиевски и додаде дека иницијативата, која е плод на посветеноста за промовирање на спортот и здравиот начин на живот, ги промовира и еднаквите можности за учество и развој на сите деца без разлика на нивната финансиска состојба. 

Спортските кампови, како што нагласи, се стимул за спортистите да продолжат да се натпреваруваат и да ги постигнуваат своите цели, но исто така претставуваат и обид да се избегне маргинализацијата на децата од социјално загрозените семејства. 

-Сите деца, без разлика на нивната социјална позадина, треба да имаат еднаква шанса за успех и развој. Се гледаме на заедничко дружење од кое ќе останат многу спомени, изјави Ѓорѓиевски.

21.06.2025 - 13:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега