Хорор на летот Берлин-Милано: Авион принудно слета – девет патници повредени
Авион на „Рајанер“ што леташе од Берлин до Милано мораше итно да слета на аеродромот Меминген откако наиде на силни турбуленции над Баварија, каде што имаше силна бура, пренесуваат светските агенции.
Полицијата првично објави дека седум патници се повредени, но подоцна стигна информација дека вкупно девет лица се повредени. Меѓу повредените има жена која претрпе повреда на главата, нејзиното двегодишно дете кое претрпе модринки и 59-годишна жена која се пожали на болки во грбот, соопшти полицијата.
Патниците го опишаа стравот што го доживеале.
„Никогаш порано не сум почувствувал таков страв – во тој момент помислив дека авионот ќе се распадне!“, изјави еден патник за германски „Билд“, според „Шпигел“.
Фотографиите од кабината покажуваат оштетени кровни панели и преплашени патници. Некои патници не носеле безбедносни појаси за време на турбуленцијата, а екипажот наводно не дал соодветни упатства.
Службите за итни случаи веднаш реагираа на аеродромот. Иако никој не бил во животна опасност, еден патник претрпел сериозни повреди на главата. „Рајанер“ сè уште официјално не го коментирал инцидентот, а патниците се пренасочени кон други летови, според написите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа