Јаневска: Очекувам годинава државната матура да помине во ред и мир
Оваа година очекувам се да помине во ред и мир, со многу помалку несакани дејствија односно препишување, што се случуваа во минатото, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска претпладнево, на почетокот на полагањето на првиот екстерен испит од државната матура - мајчин јазик и литература
Во 10 часот денеска почна полагањето на првиот дел од државната матура во средните училишта односно во амфитеатрите на факултетите за оние училишта кои немаат просторни услови.
Јаневска го посети Земјоделскиот факултет при УКИМ каде што полагаат матурантите од училиштата „Марија Кири Склодовска" и „Димитар Влахов" , како што рече, на увид како се одвиваат процесите.
-Се е во ред, им благодарам на Земјоделскиот факултет и на сите други факултети и другите универзитети што излегоа во пресрет на образовните систем. На учениците им пожелувам успешно полагање и добар успех. На тестаторите и набљудувачите им порачувам да си ја извршуваат својата работа одговорно и нагласувам дека законската регулатива е зајакната и не очекувам никој да влезе во ризик за да поднесе некакви санкции, рече Јаневска откако ги посети матурантите што денеска полагаат на Земјоделскиот факултет.
На учениците им порача дека ова е составен дел од нивното образование и оти „нема потреба од какви било стресови".
-Материјалот го поминале и само требало да го повторат. Од нив очекувам да не користат никакви иновативни методи за да дојдат до точните одговори затоа што тие влегуваат во ризик да изгубат цела година, изјави Јаневска.
Над 15 000 ученици во завршна година од средното образование денеска го полагаат првиот од двата екстерни испита од годинашната државна матура – мајчин јазик и литература кој е задолжителен за сите матуранти. Пријавени се 9969 ученици за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за годинашната матура се пријавени 15 004 кандидати. Од нив, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.
Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа