„Купуваме вода во шишиња, се бањаме во 3 сабајле“: Жителите на населба Водно веќе втора недела како немаат вода

 


Жителите на населба Водно во Скопје се соочуваат со сериозен проблем со водоснабдувањето, алармирајќи дека веќе 11 дена, од недела, 6 јули 2025 година, немаат вода за пиење во најголемиот дел од денот и ноќта. Состојбата е алармантна, со оглед на високите летни температури кои достигнуваат и 40 степени Целзиусови.

 

На барање на загрижените станари, во вторникот, 8 јули 2025 година, се одржала средба со Градоначалникот на Општина Центар. Градоначалникот и претставниците на Општината изјавиле дека водоснабдувањето НЕ е во нивна надлежност, туку е во надлежност на Градот Скопје. Средбата завршила неуспешно, оставајќи ги граѓаните без конкретно решение.

 

Состојбата е критична:

-Вода има само со мал притисок во раните утрински часови, што трае неколку часа. Жителите се принудени да се бањаат и тушираат во 3 часот наутро.
-Кофи со вода се полнат кога има малку вода, за да можат да ги користат тоалетите преку ден.
-Купувањето вода за пиење во шишиња е секојдневна пракса, но тоа не е одржливо решение.
-Перење алишта и готвење се речиси невозможни. Жителите се на „принудна диета“ поради неможноста за миење садови и кујна.
-Многумина одат кај роднини низ Скопје за да се избањаат и да одржат лична хигиена.
-Чистењето по дома е незамисливо, што доведува до најниско ниво на хигиена во населбата и страв од појава на инсекти и глодари.

 

Секоја вечер пред комплексот Соравија се појавува цистерна на „Водовод и Канализација“, која, според жителите, стои „скришно“ од страв од гневот на незадоволните граѓани. Цистерната е со техничка вода наменета само за тоалет, а на прашањата кога ќе добијат вода, вработените креваат раменици и велат дека не знаат.

Жителите на Водно апелираат до јавноста и до институциите за помош, бидејќи имаат информации дека никој не е запознаен со нивниот проблем. Тие бараат итно решавање на проблемот со водоснабдувањето во 21 век, во услови на екстремно високи температури.

17.07.2025 - 13:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега