Ме радува спојувањето на „Вреди“, им посакувам успех, ние најверојатно ќе одиме и со свои кандидати за градоначалници, вели Таравари

 


Министерот за здравство и лидер на едно од двете крила на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, им го честита спојувањето во една партија на досегашните коалициски партнери од „Вреди“ и најави дека, најверојатно, освен свои советнички листи, неговата партија ќе оди сама и со кандидати за градоначалници на локалните избори наесен.

„’Вреди’ се обедини. Им посакувам успех. Многу ме радува што се споија трите партии, подобро една партија отколку три. Им посакувам успех на изборите. Ние како Алијанса ќе излеземе со наши сопствени листи и, најверојатно, и со наши кандидати за градоначалници“, рече министерот Таравари.

Во партијата засега немаат одлука како ќе продолжат со работа петтемина пратеници од Алијансата за Албанците, кои се дел од коалицијата „Вреди“, но ако се иницира прашањето, Таравари вели дека тие се подготвени да продолжат со работа како една пратеничка група, а „Вреди“ да си има своја пратеничка група.

Таравари и денес рече дека е против предвремени парламентарни избори оти Владата и со нив и без нив има стабилно мнозинство, а дека целта им е да победат во што повеќе општини на локалните избори.

„ Јас не сум за предвремени избори. И нашата партија има таков став, не сме за предвремени избори. Владата има стабилно мнозинство, без разлика дали ние сме или не сме во Владата. Јас сметам дека треба да има локални избори, на сите нам како политички партии многу ни е битно да излеземе со што подобри резултати на локалните избори. Ова ни е целта – да победиме во што повеќе општини, нормално онаму каде што ќе можеме“, рече Таравари.

Таравари и денес рече дека со премиерот Христијан Мицкоски е во постојана комуникација и очекува да се сретнат деновиве. Немаат точен датум, но сигурно ќе се видат.

30.04.2025 - 16:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега