Мицкоски: Нашата држава е една од најбрзорастечките економии во Европа

 


-Ние сме новата надеж. Ние сме промената која не се плаши да се соочи со предизвиците, да ги поправи грешките и да постави правичен ред и правда. Владата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во време кога економијата беше во криза, кога граѓаните беа загрижени и разочарани. Но денес, со гордост можеме да кажеме дека нашата држава е една од најбрзорастечките економии во Европа со четвртиот највисок економски раст на бруто домашниот производ, кажа Премиерот Христијан Мицкоски на вчерашниот настан по повод 35 годишнината на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски во текот на своето обраќање посочи дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ  работи на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање на нови работни места, подобрување на услови за сите работници, посебно младите, земјоделците и пензионерите.

-Сепак, ние не треба да се фалиме со бројките. Знаеме дека овој раст не е доволен, дека народот сè уште не го чувствува подобрувањето во својот секојдневен живот. Затоа упорно работиме на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање на нови работни места, подобрување на услови за сите работници, посебно младите, земјоделците и пензионерите, кажа тој.

Премиерот се осврна и на надворешната политика при што укажа дека надворешна политика е принципиелна и се темели на заштита на заедничка историја, култура и идентитет.

-Македонија нема повеќе да биде земја на понижување и предавство. Нашата надворешна политика е достоинствена, принципиелна и се темели на заштита на нашата заедничка историја, култура и идентитет. Не можеме да дозволиме да не кодошат во странство оние кои треба да бидат чувари на националните интереси. И да не мислат дека ветувањата за отстапки, деградации и понижувања ќе ги донесат повторно во Владата. Народот е свесен и нема да дозволи повторно да биде измамен. Она што Венко Филипче го направи во Атина само не потсети дека кодошењето на сопствената земја не е туѓо и не смее да се заборави, за да не се повтори, вели тој.

На крај Премиерот Мицкоски порача:

-Ние не сме тука за да изградиме праведно општество, во кое нема да има непривилегирани, туку напротив ние сме тука за да изградиме општество во кое ќе нема привелигирани. Тука сме за да изградиме правда за сите. И за тоа ќе бидеме безмилосни кон секој кој ќе ја злоупотреби довербата на народот.

18.06.2025 - 10:40

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега