Министерот за здравство најавува дигитална трансформација на здравството
Граѓаните денес се технолошки подготвени повеќе од кога било досега, што претставува основа и обврска за поголемо дигитално учество во здравствениот систем, порачал министерот за здравство Азир Алиу на панелот за дигитализацијата и новите технологии во здравството, што се одржува во рамки на 21. Конгрес на лекари, во организација на Македонското лекарско друштво.
Министерството за здравство денеска соопшти дека на панелот е истакната потребата од целосна интероперабилност на системите и размена на податоци, поголема употреба на постоечките алатки за анализа и предвидување на потребите, воспоставување на национална радиолошка мрежа (PACS) и пилот проекти за телемедицина, глобална соработка со европски и меѓународни иницијативи.
- Нашата цел е едноставни и практични решенија што ќе носат директна корист за пациентите: полесен пристап до податоци, навремени информации и сигурност дека нивните податоци се заштитени. Системот ‘Мој Термин’, апликацијата ‘Мое Здравје’ и идните национални мрежи за радиологија и телемедицина се чекор напред во таа насока. Верувам дека со зголемување на интероперабилноста, анализа на податоци и примена на нови технологии, ќе создадеме поефикасен и поправеден здравствен систем, рекол министерот Алиу.
На панелот учествувал и Далибор Фруниќ, извршен директор на СОРСИКС и експерт за дигитално здравство, кој, стои во соопштението, оценил дека дигитализацијата на здравството во Македонија е на светско ниво. - Податоците кои постојат се богатство кое ќе овозможи напредни чекори во вештачка интелигенција и 'data-driven decisionmaking', за бенефит и на системот и на клиничка пракса, навел Фртуниќ.
Од Министерството за здравство истакнуваат дека остануваат посветени на создавање модерен дигитален систем кој ги става пациентите во центарот на здравствената заштита.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа