МЗ: Министерството имаше формирано две комисии за надзор над законитоста на работата на Стоматолошката комора, констатирани се неправилности

 

Во врска со денешната прес-конференција на Стоматолошката комора, Министерството за здравство уште еднаш потенцира дека одлуката е донесена врз основа на факти, аргументи и инклузивност во процесот на сите релевантни чинители. Одлуката е резултат на подолготрајна и сеопфатна анализа од повеќе стручни лица, се наведува во денешното соопштение на Министерството за здравство.

- Потсетуваме дека на овој процес претходеше времена мерка изречена од Уставен суд, а потоа и конечна одлука од истата институција со која се запира извршувањето на поединечните акти и дејствија, а дополнително покрај времената мерка, Комората продолжила со континуираната едукација. Паралелно, во прилог на оваа одлука е и извештајот од Државната комисија за спречување на корупција, пишува во соопштението.

Министерството за здравство, како што се додава, за оваа цел имаше формирано две комисии за надзор над законитоста на работата на Комората и „во двата случаи се констатирани неправилности на кои е укажано со законски рок за отстранување на истите, но, во законските рокови не е постапено од страна на Стоматолошката комора“.

- Потенцираме дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година, воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите „немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората“, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат, истакнуваат од Министерството за здравство.

Врз основа на утврдената фактичка состојба, како што се додава, по разгледување на содржината на извештаите и доставената документација како и одлуката од Уставен суд од 15.05.2024, „министерот одлучи времено да ги преземе надлежностите за лиценцирање, сè додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално“.

Mинистерот Азир Алиу во саботата информираше дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.

11.08.2025 - 16:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега