Недела на турската кујна - вековна традиција и изобилство од вкусови и бои
Од 21 до 27 мај се одбележува Неделата на турската кујна, позната по својата разновидност и спој на различни вкусови и кулинарски традиции. Безвременските класични турски јадења, кои се пренесуваат низ генерации, се значаен дел од богатото кулинарско наследство, кое е симбол на турската култура. Како нераскинлив дел од традицијата на земјата, класичната турска кујна е одраз и на познатото турско гостопримство, љубезност и заедништво.
Турската кујна е препознатлива и по едноставните техники на готвење, како и по големата регионална разновидност. Од јадењата на егејското крајбрежје на база на маслиново масло, до смелите специјалитети на југоистокот преполни со зачини и кујната богата со морски плодови на Црното Море, секоја провинција од вкупно 81, има свои интерпретации на одредени јадења. Ваквото богатство на рецепти, методи на готвење и неверојатни вкусови се одбележува секоја година, за време на Неделата на турската кујна.
Во бројните вкусни класични турски јадења се вбројуваат крем-супата од леќа, супа од тарана, имамбајалди - модри патлиџани со фил од кромид и домати, манти - турски кнедли, бурек со месо, сирење или компири, понатаму, карнијарик - преполовен модар патлиџан полнет со мелено месо, чачик - турската верзија на таратор, како и чорба од бел грав и различни видови сарма. Неизоставен дел од менито што го сочинуваат традиционалните турски специјалитети се и освежителните салати бостана и чобан, разновидните овошни компоти и многу вкусни турски десерти, како што се тавукгогсу -пудинг од пилешки гради, казандиби - карамелизиран млечен пудинг и познатата баклава.
Богатото кулинарско наследство на Туркије, преку различните вкусови и мириси, ја раскажува долгата и богата историја на земјата и културната размена, која со векови се случувала на овие простори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа