Проштална средба Попоски-Орав: Членство на Македонија во ЕУ за долгорочни реформи
Заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи Никола Попоски одржал проштална средба со амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Аиво Орав.
- Амбасадорот Орав беше целосно ангажиран во нашата соработка, било на полето на реформите, политиките на ЕУ и земјите членки или пак во реализација на ЕУ проектите во Република Македонија, истакнал Попоски.
Од аспект на соработката со Европската унија во текот на мандатот на амбасадорот Орав, министерот Попоски истакнал дека идното членство на Република Македонија во Европската унија е добар канал за насочување на долгорочните реформи.
- Ние ќе се приклучиме во Унија која ќе биде многу поразлична од денешната. Во меѓувреме секое подобрување во судството, поголема ефикасност на администрацијата или повисока заштита на животната средина, како препознатливи ЕУ стандарди, за нас ќе бидат позначајни од самото членство. Во вакви клучни области со цел остварување на постојан напредок имаме редовна соработка со европските институции, нагласил Попоски.
Посакувајќи му натамошен успех во неговиот нов мандат, министерот Попоски изразил благодарност од досегашниот негов професионален ангажман како амбасадор на ЕУ во Македонија.
Воедно на амбасадорот Орав му била врачена благодарница за неговиот дипломатски ангажман во име на ЕУ од 2012 година до сега, се наведува во денешното соопштение од МНР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа